И покрај растечките трошоци за живот, граѓаните и компаниите продолжуваат паралелно да ги зголемуваат и своите заштеди и задолжувања. Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека во јуни депозитите пораснале побрзо од кредитите на месечно ниво, што упатува на засилен интерес за штедење, додека кредитната активност останува стабилно висока.
Во текот на јуни, вкупните депозити се зголемиле за 2,1 проценти во однос на мај, додека кредитите бележат месечен раст од 1,4 проценти. На годишно ниво, пак, кредитите продолжуваат да растат побрзо – за 13,1 процент, додека депозитите се повисоки за 9,9 проценти.
До крајот на јуни, вкупните депозити во банкарскиот систем достигнале речиси 11 милијарди евра, а кредитите се приближиле до 9,6 милијарди евра, што покажува дека банкарскиот сектор и натаму бележи висока активност и кај населението и кај компаниите.
Анализата покажува дека најголем интерес кај граѓаните и понатаму има за станбените и потрошувачките кредити. Станбените кредити бележат најсилен раст – 1,6 проценти на месечно и 16,6 проценти на годишно ниво, што е највисока стапка меѓу сите кредитни категории. Потрошувачките кредити, исто така, продолжуваат да растат со темпо од 1,5 проценти месечно и 11,8 проценти годишно.
За разлика од нив, автомобилските кредити бележат благ пад од 0,6 проценти во текот на јуни, додека кредитите одобрени врз други основи се намалиле за 2,4 проценти.
Податоците покажуваат и промени во начинот на кој граѓаните и компаниите ги чуваат своите средства. Количината на готови пари во оптек е намалена за 1,9 проценти, додека депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити бележат раст. Овој тренд укажува дека сè повеќе средства остануваат во банкарскиот систем, наместо да се чуваат во готовина.
Економските показатели сугерираат дека довербата во банкарскиот сектор останува стабилна, а истовремено високата побарувачка за кредити, особено за купување стан и финансирање на тековната потрошувачка, продолжува да го одржува двоцифрениот раст на кредитната активност.