Граничниот премин Евзони повторно отворен, земјоделците најавуваат можни нови блокади

Граничниот премин Евзони (Богородица) е повторно отворен за влез и излез од Грција, по речиси двочасовна блокада. Сепак, не е исклучена можноста преминот повторно да биде затворен подолг период, како што се случуваше во изминатите два дена.

Земјоделците од Пеонија, кои околу 12 часот повторно го блокираа преминот, ја одржуваат стратегијата да не најавуваат претходно блокади. На грчката страна остануваат паркирани околу 150 трактори и земјоделски возила, додека надлежните комисии одлучуваат за времетраењето на блокадите.

На граничниот премин Кипи кон Турција, паркирани се околу 200 трактори, при што сообраќајот за камиони е привремено затворен.

Во поширокиот регион Тесалија, над 4.000 трактори блокираат на неколку точки на автопатот Солун–Атина.

Претпладнево имаше и обид за блокада на граничниот премин со Бугарија.

Протестите започнаа во неделата, а земјоделците најавија постепено интензивирање до 5 декември. Засега нема информации колку долго ќе траат.