Грчката православна црква разви сопствена алатка за вештачка интелигенција

Грчката православна црква влезе во ерата на вештачката интелигенција со специјализираната алатка LOGOS, развиена на иницијатива на Митрополијата на Неа Јонија, Филаделфија, Хераклион и Халкедон во соработка со Егејскиот универзитет со седиште на островот Лезбос.

Митрополитот Гаврил од Неа Јонија, кој ја смисли идејата за алатката, објаснува дека LOGOS обезбедува организирана дигитална библиотека, а алгоритмот на вештачка интелигенција собира информации што се однесуваат на прашањата што ги поставуваат луѓето и ги формулира во разбирливи и корисни одговори. LOGOS „не ја заменува личноста и духовното (ментор). Тој делува како водич што ќе го води верникот до следниот чекор во Црквата, која има задача да катехизира“, објаснува митрополитот Гаврил.

Тој вели дека децата, преку своите мобилни телефони, како и луѓето на интернет, оттаму ги добиваат речиси сите свои идеи и додава дека Црквата не може да остане надвор од оваа реалност. „Секоја алатка што човекот ја создава (мора) да се користи во служба на човекот. Со оваа апликација се стремиме да „црковизираме“ едно човечко создание. Развојот на технологијата не е насочен кон тоа човекот да стане алатка на вештачката интелигенција, туку кон тоа вештачката интелигенција да стане алатка на човекот“, вели митрополитот.

ЛОГОС е дефиниран како „дигитална духовна референтна алатка која ги користи можностите на вештачката интелигенција за да обезбеди знаење и информации за теолошки, црковни и духовни прашања, врз основа на светлината на православната традиција и духовното искуство на Црквата“.

Апликацијата ги поканува заинтересираните: „Прашајте ме за тоа што ве интересира во врска со верата, молитвата, богослужението или духовниот живот; ЛОГОС е тука да ве води со почит, знаење и дискреција, осветлувајќи го вашиот пат во православната вера“.

Во извештајот е опишан и тест за тоа како функционира вештачката интелигенција. На прашањето дали корисникот може да се исповеда преку апликацијата, LOGOS одговара дека не може да прифати исповед, но го опишува таинството на исповедта и нуди помош во подготовката за исповедта со подготовка на краток водич и молитва што треба да се каже пред и по таинството.