Македонските здравствени установи се соочуваат со силен бран на сезонски грип и респираторни инфекции кој веќе почна сериозно да ги оптоварува болничките капацитети.
Според податоците на Институтот за јавно здравје за третата недела од 2026 година, регистрирани се 2.062 нови случаи. Иако оваа бројка бележи благ пад во однос на претходната недела, вирусот циркулира со висок интензитет, а бројот на заболени е за дури 46 отсто поголем во споредба со истиот период минатата година.
Епидемиолозите предупредуваат дека интензитетот на овогодишната епидемија е засилен поради ниската стапка на имунизација.
Во Универзитетскиот клинички центар во Скопје дневно се вршат над 400 прегледи на пациенти со висока температура и дишните проблеми, а лекарите изразуваат загриженост поради сè почестите случаи на млади лица кои завршуваат на болничко лекување.
Досега се потврдени два смртни случаи кај повозрасни пациенти од Скопје и Кавадарци со претходни хронични заболувања, кои не биле вакцинирани против сезонски грип.
Најголема концентрација на заболени е забележана во Скопје, Тетово, Охрид, Битола и Куманово. Висока активност на вирусот е детектирана и во Дебар, Свети Николе и Кавадарци.
Најбројна е групата на заболени на возраст од 15 до 64 години, но вирусот се шири и кај најмладите, што резултираше со празни училишни клупи на почетокот на второто полугодие.
Во Тетово околу 610 ученици отсуствуваат од настава, од кои најголем дел се од основните училишта. Во основното училиште „Лирија“ во Тетово состојбата е најкритична, каде во одредени паралелки отсуствуваат и по 13 ученици.
И покрај ваквите бројки, надлежните во секторот за образование и Министерството за образование и наука сметаат дека состојбата сè уште не е на ниво кое би наложило продолжување на распустот.
Од таму посочуваат дека училиштата не се единствените места за трансмисија и апелираат до родителите да не ги праќаат децата на настава доколку покажат симптоми на инфекција.
Министерството за здравство и лекарите апелираат на почитување на мерките за заштита, кои вклучуваат редовна хигиена, избегнување затворени простории со многу луѓе и вакцинација за ризичните групи, со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем и да се спречат дополнителни компликации.

