Македонија е пред важен момент во својата економска и правна историја – исходот од арбитражниот спор за рудникот Казандол, кој може да има сериозни последици за државата. За овој спор во својата последна колумна пишува аналитичарот и металуршки инженер, Виктор Грозданов.
Тој наведува дека, инвеститорите во „Казандол“ вложиле во најсовремена технологија за заштита на животната средина, но политички игри и притисоци довеле до укинување на концесијата.
Казандол инвестирал во најскапата и најеколошка технологија од финската компанија Outotec, а дополнително бил ангажиран и експерт за Југоисточна Европа кој потврдил дека технологијата е во согласност со сите еколошки стандарди. Сепак, политички влијанија и активистички кампањи довеле до запирање на проектот, што сега резултира со арбитражен спор против Македонија.
Според економски аналитичари, пресудата може да доведе до нови тужби.
„На прашање на сериозен аналитичар: Што ќе се случува по пресудата од арбитражниот спор за Казандол каде тужат инвеститорите? Одговорот е следен. Следуваат уште тужби ама сега пред судските инстанци во Македонија и тоа прво фирмата, па вработените, па коминтентите и на крај фирмата од Финска за навреда и авторско право во делот наречен нова достапна технологија. И се започнува и завршува со Казандол кој инаку е најмал рудник. Поради коректност неможам во овој момент при заклучување на арбитражниот спор да ги дадам економските параметри кои ќе имаат силно влијание врз економијата во целата наша држава. Но, додека овој спорт за Казандол е пред завршница, уште еден рударските проект во Македонија „виси на конец“ поради истите злобни „екологисти“ и истиот би можел да се најде во арбитражна постапка која се проценува на милијарда евра штета по Македонија“, пишува Грозданов кој напоменува дека потенцијалниот рудник за бакар кај Иловица би бил најголемиот во Југоисточна Европа, па соодветно на тоа би била и потенцијалната штета доколку проектот не се реализира.
Според Грозданов, Додека јавноста чека исход, важно е да се постави прашањето – дали Македонија е подготвена да плати висока цена за одлуки кои не се водени од економска логика, туку од погрешни политики?