Грозданов: Државата треба да ги користи своите рудни богатство за добробит на сите граѓани

Сите рудни ресурси, секаде во светот, треба да се бараат, произведуваат и користат секогаш кога има соодветна технологија за тоа, и од тоа државата и индустријата да имаат корист за да се создадат подобри услови за живот на населението, наведува аналитичарот и рударски инженер Виктор Грозданов во својата последна колумна под наслов „Сите лаги за рударството“.

Грозданов во колумната наведува дека под плаштот на „еко активизам“ рударската индустрија неосновано се оцрнува и се спречува развој на економска гранка од која државата и граѓаните би имале голем бенефит и според него тоа се прави поради лукративни цели и по нарачка на странски центри на моќ.

„Оваа злоупотреба со ширење на паника ја практикуваат екологисти вметнати во повеќе центри на одлучување и манипулирање, а пред се поддржани од одредени центри на финансиска моќ кои сакаат да ги добијат рудните богатства на Македонија и во исто време со тактика на долгорочно исцрпување да бараме спас од нив и да не остават на најдолната скала на сиромаштијата. Овие центри на моќ кои доаѓаат исклучиво од истокот (Русија) ја потценија нашата eвроатлантска определеност, но пред се и нашата научна образовна спремност во следниве дисциплини: геологија, рударство, металургија, екологија и медиуми“, пишува Грозданов.

Грозданов наведува дека мајката природа како што на Дебар му дала гипс со највисок квалитет, така на Источна Македонија и дала бакар, злато, сребо, олово, цинк и тоа богатство треба да се искористи за доброто на сегашните, но и на идните генерации.

„Но, за жал, ако на времето се учеше за рудници, минерали, рударски градови и нивната специфична и важна улога во државата, сега рударството се оцрнува и се прикажува како злостор. Зошто? Затоа што одредени личности сакаат да бидат дел од грабежот на сиромашниот народ и да го убедуваат дека ќе сме биле рударска колонија на Нато „злосторниците“ и дека сега мора да сме екологисти со една девиза: Вие народе правете ние што ќе Ви кажеме и не раскажувајте што ние правиме за сопствените банкарски сметки“, пишува Грозданов.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното