Рударството не смее да стане жртва на дневна политика и дезинформации, предупредува Виктор Грозданов во колумна во која повикува на поголема улога на науката и експертите во јавната дебата.
„Ние кои сакаме индустрија велиме дека имаме огромни ресурси и можеме да обезбедиме економски мир“, пишува авторот, нагласувајќи дека Македонија располага со значајни рудни богатства.
Грозданов критикува дел од политичките партии и еколошките здруженија за користење на, како што вели, „хистерија и трачарење“ наместо аргументирана дебата. Посебно се осврнува на случајот со рудникот Тораница и реакциите во јавноста.
„Најголемата измама беше тврдењето дека пукнала хидројаловишна брана. Пукна цевка со техничка вода“, наведува тој, додавајќи дека ширењето дезинформации создава непотребна паника кај граѓаните.
Во текстот се истакнува и потребата државата да соработува со научно-образовните институции при носење одлуки за рударските проекти. Авторот открива дека градоначалникот на Крива Паланка побарал токму таков пристап.
„Единственото што го побара беше консултација со научно-образовни институции и грижа за 400 вработени во Тораница“, пишува Грозданов.
Тој потсетува на значењето на рударите во македонската економија. „Рударите со нивните пари Ви изградија држава“, заклучува Грозданов.
