Грозданов: Врескањето на самопрогласени активисти стана „добро утро“, тие одработуваат за центри на моќ

Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов во последната колумна „Наука vs манипулации“ пишува дека како и минатата, така и оваа зима, сѐ повеќе се актуелизира загадувањето на амбиенталниот воздух во градовите во Македонија, но дека тие кои одлучуваат треба еднаш засекогаш да разберат дека мора да научат да ги слушаат научниците.

-Тука стасуваме до политичарите. Ајде што мислам дека голем дел нивни поданици се посебен вид филозофи-озборувачи, а не се занимаваат со филозофија, туку во реал политиката се појавуваат политичари кои ламентираат за прашања за кои немаат стручна наобразба, но демонстрираат сигурност небаре се академици. Конкретно, навистина изгледа многу недоветно кога политичари од различни партии влетуваат во замката на манипуланти кои по дефиниција се „индивидуи или група луѓе кои лажно се претставуваат, најчесто шират паника без основ за да издејствуваат одредена цел“. Да бидеме искрени, во последниот период во Македонија врескањето на самопрогласени активисти во повеќе сфери е добро утро. Една од нив е екологијата со непотребна глорификација на овој израз или поточно минимизирање на значењето на поимот заштита на животната средина, пишува Грозданов.

Според него, за да може да се разговара за заштита на животната средина, за сегменти како што се загадувањето на некој град, мора да се разговара со научници кои точно знаат од каде доаѓа и кои се причините и чинителите на самото загадување.

-Еве да дадам мал придонес од она што ме научил мојот ментор од екстрактивна металургија. Добро е за Технолошкиот факултет, но и за целата стручна јавност што е уште млад и полн со ентузијазам. Со мали модификации и идеи од моја страна, еве какви мерки мора да се направат за да се спречи загадувањето во градовите во Македонија. За овие мерки кои изгледаат радикални, а сепак се многу практични за зачувување на животите и здравјето на нашите дечиња и најмили постари роднини и родители, политичарите мора да соберат храброст. Мерките се даваат со посебна важност во зимскиот период поради влажноста на воздухот, не се исклучуваат и другите временски периоди: се забранува градење на повеќе од 10 згради истовремено на територија Град Скопје. Со земање предвид на големината географска и популациона истото се предвидува и за другите градови; се ограничува производството на фабрики; стратегија за водите започнувајќи од болниците; се воведува во сите градови јавен превоз оптимален на големината на истите; се воведуваат рестриктивни мерки за автомобили постари од 15 години; сите автомобили кои загадуваат и кои се хаварисани се топат под посебни услови (значи само школката и металните делови, не и полимерите и седишта итн); апсење на сите оние кои создаваат диви депонии; сите оние кои топат полимер(жици) за да добијат бакар се обучуваат да го прават тоа со хидро услови, во спротивно добиваат ист третман како оние со дивите депонии; се предвидуваат големи пешачки зони итн, истакнува Грозданов.

Сепак, како што додава аналитичарот, многу поверојатно е дека политичарите ќе продолжат да носат кризни мерки кои немаат допирна точка со реалноста и преку медиумите ќе повикуваат на дебати лажно стручни лица.

-Од типот на Танушев, „ТРН“ Велков и уште ќе ги сметате за достојни експерти со кои мора да се разговара. Таквиот легитимитет кои го даваат политичарите заедно со медиумите на овие манипуланти кои живеат за 5 минути слава, не разбираат дека ја нарушуваат целата концепција на употреба модерни технологии и решенија кои ќе ја сочуваат животната средина, ќе направат баланс помеѓу потребите на луѓето и сиот друг жив свет. Зошто претходно го споменав системот? Неспорно е дека на македонското општество му е неопходен здрав НВО сектор. Но дали нашиот е таков? Секоја чест на исклучоците. Не смееме да молчиме на фактот дека постојат многу примери на изигрување на граѓанскиот активизам, кој за жал неретко се претвора во пара-систем за уценување на политичарите преку разни форми на притисок. Дали се тоа социјални мрежи, протести или пак преку нивните еко новинари е апсолутно неважно. Она што е суштински важно е дека во Македонија егзистираат типови кои преку фингиран граѓански активизам всушност одработуваат за одредени центри на моќ чија цел е држење на општеството во една „статус кво“ ситуација, што би ја толкувал со фразата „Формално сме НАТО, официјално сме за ЕУ ама душите и срцата ни се со Русија“, пишува Грозданов.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното