Јавниот сектор во Грција денеска е во 24-часовен штрајк, што предизвика значителни нарушувања во функционирањето на државната администрација и целосен прекин на железничкиот сообраќај, додека јавниот превоз во Атина сообраќа со скратено работно време. Штрајкот, на кој повика Синдикалната федерација на државните службеници (АДЕДИ), е организиран како одговор на новиот нацрт-закон за труд, кој предвидува можност за 13-часовен работен ден.
Во знак на солидарност со државните службеници, на штрајкот се приклучија и вработените во градскиот транспорт во Атина, кои ќе ги прекинат своите активности на почетокот и на крајот од работниот ден. Поради ова, метрото и трамвајот во главниот град ќе работат само во периодот од 9:00 до 17:00 часот, додека автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат од 9:00 до 21:00 часот.
Најголемиот удар врз транспортот доаѓа од железничките работници, кои целосно се приклучија на штрајкот, поради што денеска нема да сообраќа ниту еден воз низ целата земја, пренесува весникот „Катимерини“.
Освен повлекувањето на спорниот закон, синдикатот АДЕДИ бара и враќање на 13-тата и 14-тата плата, значително зголемување на платите, потпишување на колективни договори и укинување на новиот дисциплински закон во јавниот сектор.