Груби го чува полиција во куќен притвор, се проценило дека не може да му се гарантира безбедноста во затвор

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој една година и два месеци беше баран со меѓународна потерница, наместо во затворот во Скопје, притворот ќе го издржува во својот дом во Чаир.

Пред зградата е присутна полиција, а Груби е под 24-часовен надзор, откако ефективниот притвор му беше заменет со куќен во траење од 30 дена.

Од Обвинителството велат дека одлуката е донесена по проценка на Министерство за внатрешни работи на Македонија и Агенција за национална безбедност, според која во притворското одделение во Скопје не може да се гарантира неговата лична безбедност. Деталите за наводните закани биле презентирани пред судија на претходна постапка.

Од МВР соопштија дека сите информации и сознанија, вклучително и тие од АНБ, биле споделени со Јавното обвинителство, но одлуката за мерките ја носат обвинителството и судот.

Директорот на затворот Скопје, пак, тврди дека ниту МВР ниту АНБ извршиле проценка на лице место за безбедносните услови, нагласувајќи дека установата располага со постојано полициско обезбедување, видео надзор и можност за изолирање на ризични притвореници.

Адвокатот на Груби, Гоце Ристовски, најави дека одбраната повторно ќе изврши увид во доказите во истрагата за „Државна лотарија“, каде Груби се сомничи за проневера на 8,2 милиони евра.