Екс премиерот и бегалец Никола Груевски се огласи на својот „Фејсбук“ профил по повод трагедијата во Кочани.
Тој напиша дека сега реакција од властите мора да биде жестока, и дека мора веднаш да биде спроведена истрага, за да се откријат низа пропусти во системот.
„Не постојат зборови на утеха кои можат да ја ублажат болката на семејствата и блиските на загинатите во една од најголемите трагедии што се случиле во Македонија во нејзината современа историја, а веројатно една од најголемите трагедии по бројот на загинати во еден ден воопшто било кога во Македонија.
Загубата на сопствено младо дете, брат или сестра, внук или внука, е огромна и ненадоместлива загуба. Го изразувам моето сочувство со семејствата и блиските на загинатите во трагедијата во дискотеката во Кочани.
Сега претстои голема битка за повредените, кои се во огромен број. Болниците во Скопје се преполни со повредени и нивните капацитети во секоја смисла се лимитирани.
Јасно е дека низ Европа има медицински центри кои се многу понапредни во експертиза, стручност, искуство, опрема и севкупен третман на тешко повредени, одколку во Македонија и Балканот.
Со целата благодарност и почит кон оние држави кои самите понуделе помош, за најкомплицираните случаи добро е да се обезбедат безбеден транспорт во најдобрите медицински центри, независно дали нивните политичари се понудиле или не.
Дали хеликоптерот со медицинска опрема и персонал ќе пристигне за еден или два часа во некој медицински центар низ Европа, не во секоја ситуација е клучно, знаејќи дека особено во случаи на изгореници, често се случува да настапи смрт после 2, 5 или повеќе денови, не само заради инфекции, туку и проблеми со белите дробови и горниот респираторен систем.
Верувам дека паралелно ќе се одвива и процесот на одговорност.
Низа пропусти во системот се веќе обелоденети, а веројатно истрагата ќе открие и други. Без одговорност и без превземање мерки со кои ист или сличен настан нема да се повтори, ќе носи во лоша насока.
Неодговорниот однос кон работата и граѓаните кој со години се демонстрираше особено од страна на високите преставници на претходната власт, низ годините метастазираше и продре надолу и длабоко во системот до секое микро ниво, во секоја пора на општеството, исто како и корупцијата и криминалот.
Така, општиот степен на одговорност во Македонија е многу девастиран, што е предуслов за вакви трагедии и многу други трагедии.
Кога степенот на одговорност од највисоките државни нивоа, ќе се спушти на ниво на поединечни локални инспектори, референти, инжињери, надзори, лекари, учители, одговорни лица за некаква контрола, одговорни за давање или одземање некакви дозволи, решенија, одлуки и слично, тогаш тоа е состојба на девастирана држава.
Кога во свеста на најниските по хиерархија во системот на државата ќе стане нормално да нема последици и сериозна одговорност и тоа да стане нормално, како во случајот со ковид болницата во Тетово пред неколку години, изградена и опремена од фабрика во сопственост на потпретседателот на тогаш актуелната влада, во тендерска постпка со видливо фаворизирање, и уште при тоа никој да не сноси никаква одговорност за тоа, тогаш тоа е многу сериозен дефект на системот.
Кога говорам за одговорност, не мислам само на одговорност одкако ќе се случи несреќата, туку пред се на личното чувство на одговорност на секој поединец во системот, во насока да постапува на таков начин одговорно извршувајќи ја својата работа, перфектно добро, независно дали станува збор за изведба, надзор, контрола, проценка, навремено предупредување и известување, носење целосно по закон и етички стандарди одлуки и решенија без попуштања или привилегии за некого, или било што, за да не дозволи да дојде до ваква или слична несреќа.
Гледано низ призма на случајот во Кочани, од сопственик, менаџер и други одговорни на дискотека, до изведувачи и одржувачи, од локален до национален инспектор, од локални политички назначени или избрани одговорни лица кои издаваат различни дозволи и се одговорни за контрола на исправноста на сѐ за што имаат законска одговорност, па нагоре. Треба да се провери законитоста во постапката на секој одговорен во системот од моментот кога била издадена прв пат дозволата за пренамена на објектот и дозвола за работа, потоа сите нејзини продолжувања, и до моментот на трагедијата, и да се утврди одговорност таму каде ќе се најде незаконитост во постапката, во сите нејзини фази и лица кои ги направиле пропустите, до законските пропусти во самата вечер на трагедијата, од страна на организаторите и оние кои требало да ги контролираат.
Таа ерозија на системот на секое ниво е голем проблем за повеќе држави на Балканот, а во Македонија е многу загрижувачка и влева апатија и големо чувство на несигурност и недоверба кај граѓаните.
Кога луѓето не веруваат во ништо и никого, почнуваат да не веруваат и во тие што одговорно си ја вршат работата, што секако влијае деморалзирачки на тие луѓе кој најчесто го напуштаат системот и го препуштаат на послаби и по неспособни од нив.
Исто така важна е и општествена култура за пријавување и алармирање од страна на лица кои можеби не се директно одговорни, но кога ќе забележат аномалија чувстуваат лична одговорност веднаш да ги алармираат одговорните по закон, и да остават траг за навреме алармираното.
Кој живеел во земја каде ако возилото непрописно го паркираш на тротоар, па дури и ако си во него, пред да дојде полицијата, за 5 минути најмалку 5-10 обични граѓани ќе те предупредат, и ако веднаш не реагираш ќе направат фотографија и веднаш пред тебе ќе ја испратат на јавно познат телефон во полицијата, ме разбираат за што говорам. Таму, кога треба се предупреди, извести, пријави и алармира, не важи синтагмата “тоа не е моја работа”.
Ова системско “тонење” мора да запре со енергична акција на властите не само во смисла на одговорност за овој настан која верувам ќе се случи, туку пред се во брза и ефикасна промена на свеста кај сите во системот и вон него, (а постојаните контроли и казните се само еден од методите за тоа), пред да се случат нови трагедии во кои ќе има нови недолжни настрадани и семејства со уништени животи“, вели Груевски.