СЕДУМ членови на банда за кои е утврдено дека сексуално злоставувале деца во Глазгов се осудени на доживотен затвор поради злоупотреба на три деца помлади од 13 години, објавија британските медиуми.
Иен Овенс (46), Елејн Ланери (40), Лесли Вилијамс (43), Пол Бранан (42), Скот Форбс (51), Бери Вотсон (48) и Џон Кларк (49) беа осудени на затворски казни од осум до 20 години, според Би-Би-Си.
На осудените лица им е изречен налог за доживотно ограничување (OLR), што значи дека никогаш нема да бидат ослободени од затвор.
ОРЛ во пракса е доживотна затворска казна, но овозможува теоретска можност осудените по издржување на затворската казна да бидат пуштени на условна слобода. Во тој случај би биле предмет на строг надзор до крајот на животот. Ако после тоа направат кривично дело, се враќаат во затвор.
Овенс, Ланери, Вилијамс и Бранан се прогласени за виновни и за обид за убиство на дете кое било заклучено, меѓу другото, во микробранова печка и кујнски кабинет.
Високиот суд во Глазгов утврди дека злоупотребата траела повеќе од седум години во нелегалното дружење за корисници на дрога. Децата претрпеле силување, обид за убиство и физичко насилство.
Полицијата го опиша злоставувањето како „незамисливо“.
Вознемирувачки детали
Две девојчиња и едно момче во повеќе наврати од 2012 до 2019 година биле насилно и сексуално злоставувани.
На судењето беше кажано дека групата организирала „ноќи на силување“ и „ноќи на танцување и секс“ во запуштен стан во Глазгов. Едно од девојчињата било силувано од членовите на групата додека се уште носела пелени.
Таа го опишала станот како „темна и страшна куќа на ѕверови“, бидејќи била затворена во плакар со кутија полна со пајаци. Девојчето исто така било затворено во микробранова печка и фрижидер и било принудено да јаде кучешка храна.
Постарото момче и девојче биле изложени на дивјачки тепања и сексуално насилство. Членовите на групата користеле и тешки дроги пред децата и ги натерале да консумираат алкохол и дрога.
Со години, обемот на злоупотребата беше непознат
Центарот за социјална работа најпрво започна со следење на жртвите во август 2017 година, а во јули 2018 година издаде проценка за нивната ранливост. Сепак, целосниот обем на злоупотребата не беше откриен до март 2020 година.
Сите седуммина обвинети ги негираа обвиненијата, но беа прогласени за виновни во ноември 2023 година, по двомесечно судење.
Изрекувањето на пресудата беше одложено поради проценка на ризикот пред да биде изречена доживотната забрана.