Хамас денеска објави дека утре ќе започне со ослободување на преостанатите 48 израелски заложници од Газа, што претставува клучен чекор во првата фаза од новиот мировен план предводен од американскиот претседател Доналд Трамп. Предавањето ќе се одвива преку Црвениот крст и израелските одбранбени сили, додека Тел Авив останува на готовс, предупредувајќи дека ќе реагира доколку договорот се наруши.
„Подготвени сме за секој развој, остануваме будни и подготвени за акција сè додека сите наши заложници не се вратат“, изјави израелски командант од 98-та дивизија.
Во меѓувреме, околу 200 американски војници пристигнаа во Израел со мисија да го надгледуваат примирјето и да помогнат со хуманитарна и логистичка поддршка. Во Појасот Газа започна дистрибуцијата на хуманитарна помош и расчистување на урнатините, додека околу половина милион раселени Палестинци се враќаат во своите домови, сведочејќи за апокалиптичното уништување. „Како ќе живееме не знам. Без вода, без струја, без домови и патишта“, вели Мохамад Абу Риш, жител на Кан Јунис.
Надежта за враќање на заложниците синоќа беше во фокусот и на голем митинг на плоштадот во Тел Авив, на кој присуствуваа и ќерката на американскиот претседател, Иванка Трамп, нејзиниот сопруг Џаред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф. „На сите им должиме длабока благодарност на претседателот Трамп кој одби да ја прифати идејата дека мирот на Блискиот Исток е недостижен. До заложниците – наши браќа и сестри, се враќате дома“, порача Виткоф.
Според најавите на израелскиот министер за одбрана, Кац, по ослободувањето на заложниците ќе следува операција за уништување на тунелите на Хамас, која ќе ја спроведат израелските сили заедно со меѓународен механизам предводен од САД.
Како финален чекор, утре во Египет ќе се одржи мировен самит на кој ќе присуствуваат светски лидери, вклучително и претседателот Трамп, францускиот претседател Макрон, британскиот премиер Стармер и генералниот секретар на ОН, Гутереш, со цел конечно завршување на конфликтот.