ХАОС ВО ИРАН: Потврдена смрт на над 2.500 лица, Трамп се заканува со „силни мерки“, а болниците се претворени во воени зони

Ситуацијата во Иран драматично ескалира. Додека земјата е во петтиот ден од комуникациската блокада, на виделина излегуваат застрашувачки податоци за бројот на жртвите, а меѓународните тензии помеѓу Вашингтон и Техеран достигнуваат точка на вриење. И покрај целосната блокада на интернетот, во вторникот за првпат беа воспоставени одредени телефонски повици кон странство, преку кои светот добива увид во крвавите случувања.

Црн биланс: Илјадници загинати и убиени деца

Американската организација за човекови права ХРАНА (HRANA) излезе со шокантен извештај според кој е потврдена смртта на вкупно 2.571 лице за време на протестите.

Билансот на жртвите е поразителен:

  • 2.403 демонстранти;
  • 147 лица поврзани со власта;
  • 9 цивили кои не учествувале во протестите;
  • 12 деца помлади од 18 години.

Сведоштво од пеколот во болниците: „Се пукаше со тешки митралези“

Ирански лекар, кој успеал да ја напушти земјата, за медиумите даде морничаво сведоштво за состојбата во здравствените установи, опишувајќи ги сцените како „ситуација на масовно страдање“. Тој раскажува дека капацитетите биле помали од бројот на ранети, па лекарите биле принудени да вршат тријажа – да одлучуваат кому ќе му го спасат животот врз основа на шансите за преживување.

Според неговото сведоштво, тактиката на режимот се променила во ноќта меѓу четвртокот и петокот. „Беше како да е издадена наредба: ’Сега користете вистинска муниција‘. Во петокот вечерта се слушаа рафали, но не од калашников, туку од Душка (тежок митралез)“, сведочи лекарот. Тој додава дека безбедносните сили влегувале во болниците за да ги попишуваат ранетите, создавајќи атмосфера на страв и беспомошност.

Трамп: „Ако ги бесат, ќе видите силни мерки“

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати остра порака до иранските власти. Во интервју за CBS News, тој предупреди на сериозни последици доколку режимот започне со егзекуции на уапсените демонстранти. „Ако ги обесат, ќе видите некои работи… Ќе преземеме многу силни мерки ако направат такво нешто“, изјави Трамп.

На ова веднаш реагираше иранската мисија при ОН преку платформата „Икс“ (поранешен Твитер), нарекувајќи ги американските потези „фантазии за промена на режимот“. „Иранскиот народ ќе ја брани својата земја, а американскиот план повторно ќе пропадне. Санкциите и поттикнувањето немири како изговор за воена интервенција се веќе виден и неуспешен прирачник“, порачаа од Техеран.

Пахлави до војската: „Имате должност да го штитете народот“

Во меѓувреме, Реза Пахлави, синот на свргнатиот ирански шах, преку видео порака ги повика граѓаните на отпор, а армијата на непослушност кон режимот. „Мои сонародници, светот го слуша вашиот глас. Помошта е на пат. Продолжете со борбата. Меѓу нас и овој режим стои море од крв“, изјави Пахлави, додавајќи дека припадниците на националната армија имаат должност да застанат покрај својот народ и дека немаат многу време за одлука.