Македонија

Хорор во кичевско Другово: Ротвајлери нападнале мајка со две малолетни деца!

Хорор во кичевско Другово: Ротвајлери нападнале мајка со две малолетни деца!

Вистинска драма се случувала во петокот (22.05.2026 година) во кичевското село Другово, откако две агресивни кучиња од расата ротвајлер нападнале мајка која била на прошетка со своите две малолетни деца. За претрпениот хорор и траума сведочи самата мајка во емотивна објава на социјалните мрежи, каде бара итна одговорност од сопственикот и реакција од институциите.

Според сведоштвото на мајката, нападот се случил ненадејно додека шетала со децата. Откако кучињата почнале агресивно да лаат, таа во паника го кренала помалото дете во раце, обидувајќи се со другата рака да го заштити поголемото девојче.

„Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатонот. Додека се обидував да го спасам, се појави и другото куче, кое агресивно ме нападна, ме фати за дуксерот и повторно ми го повлече детето“, раскажува мајката.

Драмата кулминирала кога во близина поминало возило кое нагло закочило. Детето, влечено од кучињата по бекатонот, завршило пред предното тркало, речиси под автомобилот. Мајката со последни сили успеала да го извлече, по што се засолниле во дворот на соседите, иако кучињата продолжиле да ги прогонуваат.

Детето се здобило со телесни повреди кои биле уредно констатирани и санирани во Медицинскиот центар во Кичево.

Она што дополнително ја згрозило мајката е крајната нечовечност и неодговорност на сопственикот на кучињата:

Сопственикот ладнокрвно прокоментирал дека на детето „не му е ништо“ и не покажал никаква грижа за здравствената состојба на децата.

Случајот веднаш бил пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР) од страна на Службата за брза помош, а мајката веќе дала официјална изјава во полициска станица.

„Ова не го споделувам за да правам драма, туку затоа што денес беше моето дете — утре може да биде нечие друго. Барам одговорност и реакција од надлежните институции. Никој не смее да поминува низ ваков страв и траума“, апелира преплашената мајка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни