Министерството за внатрешни работи откри случај на хорор во два приватни домови за стари лица во Скопје, каде што штитениците биле изложени на физичко и психичко насилство, држени во нехумани услови и хранети со производи со поминат рок. Поради ова, МВР поднесе кривична пријава против двете сопственички, Н.Ј. (47) и Т.И. (58), за „злоупотреба на службената положба“ и „малтретирање во вршење на службата“, а установите се затворени.
Според МВР, истрагата спроведена во координација со Јавното обвинителство открила дека во домовите лоцирани на улиците „Рудо“ во Бутел и „Козара“ во Центар, биле вршени систематски злоупотреби.
При претресите, полицијата затекнала шокантни состојби:
- Пренатрупаност: Во домот во Бутел имало 27 корисници, иако дозволата била за 21, додека во Центар биле сместени 33 лица, наместо дозволените 17.
- Нехумани услови: Немало доволно кревети, па дел од старите лица спиеле на троседи или по двајца во еден единечен кревет. Машки и женски корисници биле сместувани заедно во исти соби.
- Злоупотреба: Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на некои им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар.
- Храна со поминат рок: На сите штитеници им била служена храна со производи со изминат рок, за што се земени и мостри за анализа.
Покрај малтретирањето, сопственичките се товарат и дека свесно работеле спротивно на Законот за социјална заштита, со цел да остварат противправна имотна корист. Имале вработено лица без соодветна документација, немале доволно стручен кадар и не воделе уредна евиденција, а за услугата која не ги исполнувала стандардите, наплаќале значителни суми, остварувајќи месечна корист од 2.232.000 денари од двата објекти.
По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед од страна на Институтот за судска медицина, а во координација со надлежните државни органи за нив е обезбедено соодветно сместување.