Неколку сезони по ред најатрактивна дестинација за сезонските работници е Хрватска која го зема приматот од Германија, а се повеќе се бараат и земји како Словенија, Словачка и Англија.
Најчесто сите понуди од посредниците за работа се со обезбедено сместување, а кандидатите не плаќаат ништо за услугата освен мала агенциска провизија. Оние работници што немаат искуство на сезонско работење во странство ниту пак солидно познавање на јазикот на земјата во која одат, работат што било во првата сезона.
По социјалните мрежи има многу огласи за вработување на хрватската ривиера кои нудат одлични услови за македонски стандард и плати речиси исти како и во западните земји на ЕУ. Оваа земја вработува најмногу македонски работници во секторот угостителство, а само во Дубровник има преку 150 угостителски работници од Македонија.
Една агенција за посредување при работа во странство веќе ги однесе првите работници за позициите келнер, помошник во кујна, градежник, тракторист и работник на фарма.
„Сезона почнувајки од 01.03.2024, бараме келнери, шанкери,собарки, готвачи, помошници во кујна и помошник готвач“, стои во огласот.
За работа во ресторан на островот Брач се нуди плата од 1500 евра за скараџија, 1000 за келнер. За помошнички во кујна во Пореч се нудат 1300 евра, а за готвач од 1500 до 2000 евра плата.
„За сезоната лето 2024 година за Хрватска ни требаат угостителски работници. За Словенија ни требаат шанкерки, шанкери, келнери, помошници во кујна, пица мајстор, за Австрија ни требаат девојки за продажба на сладолед, за Албанија готвач. Обезбедено е сместување и храна, плата по договор“, стои во друг оглас.
Професионален бармен од Македонија кој неколку години по ред работи во Дубровник вели дека условите за работа се одлични и дека досега не сретнал некој што не е задоволен.
– Во Хрватска има страшен дефицит на угостителски работници и затоа поголемите објекти и компании не можат да си дозволат да се коцкаат со персоналот кој ќе си замине веднаш ако условите се лоши. Во мојот случај јас сум презадоволен од условите во Хрватска. Во просек платата во Хрватска е 1.000 евра, а готвачите добиваат многу повеќе.
Каде би заработиле во Македонија толку пари? Оваа сума е без бакшишот од кој живеат работниците, додека платите им остануваат чисти. Има многу повеќе од 500 угостителски работници во Макарска, Сплит, Задар, Ријека, Истра, Ровињ и Пореч. Не ги бројам колегите кои работат на островите – вели угостителскиот работник од Струга кој сакаше да остане анонимен.
Според податоците на Хрватската служба за вработување (ЦЕС), од почетокот на 2023 година до крајот на ноември се издадени 147.593 позитивни мислења за престој и работа на странски работници. Најголемата побарувачка за работа е за занимања во градежништвото и туризмот во Хрватска. Така, минатата година во Хрватска имало три пати повеќе странски работници отколку во 2021 година.
Променета е и структурата на работниците по занимања. Во 2021 година, меѓу 10-те најбарани занимања за странски работници, имаше само две поврзани со туризмот, на 8-мо и 9-то место. Тие се „готвач“ и „келнер“. Во 2023 година, занимањето „келнер“ стана второ најбарано, „помошник готвач“ трето, а „готвач“, „чистач“, „помошник келнер“ и „доставувач“ беа меѓу 10-те најбарани занимања.
Со оглед на вкупниот број вработени, странските работници почнуваат да сочинуваат голем дел од работниците во Хрватска. Во моментов, околу девет отсто од вкупниот број вработени во Хрватска се странски работници и може да се претпостави дека нивниот удел ќе расте.
Ова не е неочекувано, бидејќи странските работници најчесто вршат нискоквалификувани и физички тешки работни места во угостителството и туризмот. А невработените во Хрватска ги одбиваат овие работни места, што е очигледно од фактот дека побарувачката за нив е голема, а сепак работодавците не можат да најдат доброволни работници меѓу 110.000 невработени.