Високите температури и продолжениот викенд доведоа до голем број на туристи кои се одлучија за краток одмор на море.
Меѓу нив, покрај домашните гости, најмногу се истакнуваат туристите од Словенија, но и од Германија, Чешка, Србија и Македонија, кои ја избраа Хрватска, а особено приморскиот град Биоград. Иако летната сезона е во својот ранен старт, кафеаните и рестораните веќе ги отворија своите врати и ги изнесоа цените за оваа година.
„Нè изненадија. Во кампот има околу 2.000 гости, и кампери и мобилни куќи. Отворивме, но не знаеме дали ќе продолжиме од понеделник. Нема луѓе што би работеле“, изјави келнерка во едно од кафулињата за Вечерњи лист.
Цените ќе растат
„Цените досега останаа минатогодишни, а сигурно ќе се зголемат во сезоната, барем од половина евро до едно евро. Па, бидејќи се високи во продавниците, сепак вреди да се јаде нешто надвор“ – рече друга келнерка во ресторан што ги отвори вратите порано.
Некои угостителски објекти се реновираат и подготвуваат со полна пареа за новата сезона. Поставуваат нови покриви, уредуваат ентериери и ги усогласуваат сите детали за да бидат спремни да ги пречекаат гостите. Според хрватските медиуми, цените за овие услуги се „подносливи“.
Така, на пример, топка сладолед може да се најде по цена од 2 до 3,5 евра, додека за уштипци ќе треба да се издвојат околу 5 евра. Лепче со путер се продава за 4 евра.
Пиците се со цена од 11 до 15 евра, зависно од типот, а коктелите се движат помеѓу 6 и 10 евра, со разлики од кафе до кафе. Ледениот чај чини 9 евра, додека кампари шприцот е 7,5 евра.
„Платив помалку за кафе со млеко на самиот брег отколку во маалското кафуле во Загреб, само 1,80 евра, што пријатно ме изненади. Во местото каде живеам во кафуле на 200 метри оддалеченост, цената е 2,20 евра. Кока-кола е околу 3,50 евра, лимонада 3 евра“ – рече жена од Загреб.
Продавниците и трговските центри генерално имаат исти цени како во континенталниот дел од земјата. Цените се малку повисоки во малите приватни продавници, што е вообичаена пракса. Она што е изненадувачки е што некои кафулиња, киосци, па дури и месарници не прифаќаат плаќање со картички.
„Ако ова не ви е скапо, не знам што е“
И покрај убавото време и локацијата, дел од посетителите не беа импресионирани од цените и квалитетот.
„Топка сладолед за 2,5 евра? Претерано. Квалитетот е ист како и на други места – просечен. Тешко се наоѓа оброк што навистина вреди,“ вели еден од туристите.
Други пак предлагаат алтернативи: „За истите пари летајте до Малта или Грција и уживајте во нормални цени. Ова веќе нема смисла – скапо, пренатрупано, без гаранција за добар квалитет.“