Луѓето кои имаат настинка или грип треба да бидат изолирани неколку дена, изјави еден од водечките британски научници Сер Френк Атертон.
Атертон, кој е водечки медицински експерт во Велс, вели дека кризата со коронавирус треба да ја натера нацијата повторно да размисли „како се однесувавме како општество“ и дека секој со вирусна инфекција мора да се самоизолира за да спречи ширење на инфекцијата на другите.
Коментарите дојдоа во време кога Велика Британија се бори со ширењето на новиот сој омикрон на коронавирусот.
Според сегашните правила во Англија, Велс и Северна Ирска, секој што е позитивен на Ковид мора да биде во карантин најмалку седум дена.
Доколку пациентот е негативен на тестот, може да излезе од самоизолација по шест или седум дена, додека во Шкотска периодот на задолжителен карантин е најмалку десет дена.
