И покрај налогот за апсење, Додик ја напушти БиХ – никој не знае како!

И покрај налогот за апсење, Милорад Додик некако успеал непречено да ја мине границата и во понеделникот да се појави во Белград.

Граничната полиција на Босна и Херцеговина отвори истрага за тоа како и каде бегалецот од правдата и лидер на босанските Срби Додик ја преминал границата на таа земја и отишол во Србија во понеделникот и покрај тоа што по него била распишана полициска потерница, додека сите прашуваат како тоа можело да се случи.

Судот на Босна и Херцеговина одреди притвор и издаде налог за Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, и претседателот на ентитетскиот парламент, Ненад Стевандиќ, поради фактот што тие одбија да одговорат на поканите за сослушувањето испратени до нив од Обвинителството.

Потерницата, која моментално важи за територијата на Босна и Херцеговина, ги обврзува сите полициски агенции во таа земја да ги уапсат Додик, Вишковиќ и Стевандиќ кога ќе наидат на нив и да ги предадат на судската полиција. Ова важи и за Граничната полиција, чии припадници речиси секој ден пронаоѓаат и приведуваат лица по кои некои судови во земјата распишуваат потерници при редовните контроли на граничните премини.

Но, и покрај налогот за апсење, Додик некако успеа непречено да ја помине границата во понеделникот и да се појави во Белград, каде што беше со Александар Вучиќ на собирот организиран од неговата влада по повод годишнината од почетокот на воздушните напади на НАТО врз поранешна Југославија во 1999 година. Кемал Адемовиќ, член на мешовитата комисија на двата дома на парламентот на БиХ за одбрана и безбедност, денеска пред новинарите во Сараево изјави дека нема информации како Додик стигнал до Белград и дека и самиот е изненаден од таа информација. Тој најави свикување на посебна седница на комисијата поради овој инцидент со кој се доведе во прашање состојбата на безбедносниот сектор во земјава.

Граничната полиција на БиХ потврди дека нивниот директор Мирко Купрешаковиќ наредил истрага за тоа како претседателот на РС Милорад Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Република Србија и наведува дека се преземаат сите неопходни мерки за заштита на државната граница во согласност со законот. Но, на граничната полиција на БиХ и недостигаат мажи и нема опрема со години. На таа служба во моментов и недостигаат повеќе од 500 гранични полицајци, па сега границата теоретски ја контролира по еден полицаец на секои 40 до 50 километри од граничната линија.

Медиумите во БиХ шпекулираат дека Додик најверојатно го искористил овој факт и ја преминал границата со Србија преку некои од бројните илегални премини за да го избегне ризикот од апсење.

Додик на територијата на Босна и Херцеговина го следат тешко вооружени припадници на специјалната антитерористичка единица на МУП на РС со задача да го спречат неговото апсење.

Правосудните власти имаат можност да распишат меѓународна потерница за Додик, додека оние околу него најавуваат дека престојот во странство ќе го продолжи со посета на Израел, каде наводно планира да учествува на конференција во Ерусалим посветена на борбата против антисемитизмот, закажана за 26 и 27 март, а во организација на израелското Министерство за дијаспора.

Германскиот комесар за еврејски прашања Феликс Клајн го откажа учеството на оваа конференција токму поради најавеното доаѓање на Додик и француските десничари.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното