И синот на премиерот меѓу затруените ученици во „Димо Хаџи Димов“

Во скопската населба Влае, во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“, се случи инцидент со сомнително труење на група ученици.

Според информации на НетПрес, меѓу засегнатите деца се наоѓа и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

Според неофицијални извори, ученикот бил хоспитализиран и поминал два дена во болница со симптоми на затруеност и покачена телесна температура. Истите извори наведуваат дека здравствената состојба на детето во моментов е стабилна и подобрена.

Надлежните институции сè уште не излегоа со официјални информации за причините за можното труење и бројот на засегнати ученици. Од училишниот менаџмент и општината Карпош се очекува да дадат дополнителни објаснувања и насоки до родителите.

Здравствените служби, според првичните најави, ќе спроведат дополнителни анализи за да утврдат дали се работи за контаминација на храна, вода или друг извор на изложеност. Се очекуваат официјални резултати во наредните денови.