Македонија

ИЈЗ СО ИТНИ ПРЕПОРАКИ ДО ГОСТИВАРЦИ: Водата од градскиот водовод не е безбедна за пиење, се воведуваат посебни мерки за заштита

ИЈЗ СО ИТНИ ПРЕПОРАКИ ДО ГОСТИВАРЦИ: Водата од градскиот водовод не е безбедна за пиење, се воведуваат посебни мерки за заштита

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати итен апел и насоки до жителите на Гостивар за користење на водата и превенција од заболувања кои се пренесуваат преку вода, откако е воведена забрана за нејзино користење од градскиот водовод.

​Од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања предупредуваат дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции кои предизвикуваат гастроентеритиси. Со цел да се спречи појава и ширење на заразни болести, надлежните наложуваат строго почитување на следниве заштитни мерки:

​Забрана за водата од водоводот во домаќинствата

​Граѓаните не смеат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и за подготовка на храна. Наместо тоа, задолжително треба да се обезбеди фабрички пакувана (флаширана) вода, при што минималните потреби се проценети на најмалку 4 литри вода по лице на ден.

​Водата од водоводот не смее да се користи за:

  • ​Подготовка на храна и оброци за доенчиња;
  • ​Миење на овошје и зеленчук кои се консумираат свежи;
  • ​Подготовка на мраз;
  • ​Подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци.

​Ригорозна хигиена и посебни правила за угостителите и градинките

​Хигиената на рацете мора да се одржува исклучиво со сапун и безбедна (флаширана) вода, особено пред подготовка на храна, по користење тоалет, по менување пелени и по контакт со болно лице. Доколку нема безбедна вода, може да се користи дезинфициенс на база на алкохол, но само доколку рацете не се видливо извалкани. За миење заби мора да се користи единствено флаширана вода, додека за туширање може да се користи и превриена вода, со голем претпазливост да не се голтне.

​Посебни обврски се наметнуваат и за рестораните, кафулињата и угостителските објекти, кои не смеат да ја користат водата од водоводот за пијалаци и миење на овошје/зеленчук, а машините за мраз мора целосно да се исклучат. Во детските градинки, децата мора да пијат исклучиво флаширана вода, а чешмите не смеат да се користат за полнење шишиња.

​Храната во сите прехранбени објекти и домаќинства мора добро термички да се обработува, а се препорачува и употреба на еднократни чинии и прибор за јадење за да се избегне миењето со небезбедна вода.

​Кои симптоми се аларм за итна посета на лекар?

​Од ИЈЗ потенцираат дека граѓаните треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа доколку ги забележат следниве симптоми:

  • ​Дијареја, повраќање и гадење;
  • ​Стомачни грчеви;
  • ​Покачена температура и слабост;
  • ​Знаци на дехидратација (силна жед, сува уста, намалено мокрење, омалаксаност).

Особено внимание и заштита се потребни за најранливите категории: доенчиња и мали деца, бремени жени, постари лица и лица со хронични заболувања или ослабен имунитет, кај кои ризикот од потешки последици при цревни инфекции е најголем.

​Како да се постапи кога ќе се укине забраната?

​Граѓаните се повикуваат редовно да ги следат официјалните информации од надлежните институции (Институт за јавно здравје, Центар за јавно здравје, Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство). Водата од градскиот водовод ќе може повторно да се користи дури откако ќе биде објавено официјално известување дека забраната е укината.

​По официјалното укинување на забраната, граѓаните ќе треба да ги спроведат следните чекори:

  1. ​Да ја пуштат водата од чешмите да тече 5–10 минути;
  2. ​Да ги испразнат и исчистат апаратите за вода;
  3. ​Да го фрлат мразот направен за време на забраната;
  4. ​Да ги заменат филтрите на апаратите, доколку тоа го препорачува производителот.

​„Со навремено почитување на овие препораки значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања кои се пренесуваат преку вода“, стои во пораката на Институтот за јавно здравје упатена до граѓаните на Гостивар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни