Македонија

ИЈЗ утврди отстапувања во квалитетот на водата во Гостивар, се чекаат дополнителни анализи

ИЈЗ утврди отстапувања во квалитетот на водата во Гостивар, се чекаат дополнителни анализи

По појавата на зголемен број граѓани со стомачни тегоби во Гостивар, пристигнаа резултатите од вонредните испитувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за квалитетот на водата. Според објавените информации, во анализираните примероци биле утврдени одредени отстапувања од пропишаните параметри.

Наодите се поврзуваат со состојбата во градот, каде во изминатите денови стотици жители побараа медицинска помош поради симптоми како болки во стомакот, дијареја и повраќање.

Засега не се објавени конкретни детали за тоа на кои параметри се однесуваат отстапувањата, ниту каква е нивната природа. Според информациите, Јавното обвинителство побарало резултатите прво да бидат доставени до нив, по што ќе биде извршено дополнително вештачење.

Целта на вештачењето е да се утврди дали водата со спорен квалитет навистина стигнала до крајните корисници, односно до чешмите во домовите на граѓаните.

Мострите биле анализирани според строгите критериуми што важат за вода наменета за пиење, кои предвидуваат повисоки стандарди за безбедност во однос на испитувањата на други видови вода.

Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата, а дополнителните анализи треба да дадат појасна слика за причините и евентуалната поврзаност со здравствените проблеми кај жителите на Гостивар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни