Повеќе од 6.500 израелски професори и наставници, како и речиси 1.000 родители денеска потпишаа петиции со кои ја повикуваат владата во Тел Авив да обезбеди ослободување на заложниците кои се држат во Појасот Газа, дури и ако тоа значи крај на војната во енклавата.
Весникот „Хаарец“ наведува дека околу 3.500 професори потпишале петиција со која го поддржуваат претходното писмо на резервистите на израелското воздухопловство со кое бараат враќање на заложниците и прекин на војната.
„Ние, членовите на академскиот кадар на високообразовните институции, се придружуваме на повикот на војниците на воздухопловните сили и бараме итно враќање на заложниците, дури и ако тоа бара итен прекин на војната“, се наведува во петицијата.
Тие истакнаа дека војната првенствено служи на политички и лични интереси и дека продолжувањето на војната може да доведе до смрт на заложници, војници и невини цивили и ќе ги исцрпи резервните сили.
„Како што беше покажано во минатото, само договор со преговарање може да обезбеди безбедно враќање на киднапираните во Израел“, велат тие.
Во слична петиција, повеќе од 3.000 израелски учители истакнаа дека ова не е повик да се одбие воената служба, туку „апел да се спасат животи“.
Петицијата е дел од поширокиот бран јавни апели на сегашниот и поранешниот израелски воен персонал кои бараат враќање на заложниците и прекин на војната.
Десетина петиции беа издадени од четвртокот од војниците кои бараат прекин на војната во Газа.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе ги отпушти активните војници кои ги потпишаа петициите.