Поранешен талент од школата на бразилскиот фудбалски гигант Крузеиро трагично го загуби животот откако беше погоден од залутан куршум. 22-годишниот Жоао Виктор да Силва Сантос помина три недели во кома во својот роден град Масејо, во североисточната сојузна држава Алагоас.
Младиот фудбалер смртно настрадал додека ја славел годишнината на Палма Алагоана – локален клуб во сопственост на неговиот чичко. Неговата смрт настапила во вторник, што го потврдија од Државната болница во Алагоас.
Жоао беше дел од младинскиот тим на Крузеиро до 17 години, а подоцна го носеше дресот на клубот на својот чичко, кој настапува во регионалното првенство.
33 натпревари за Крузеиро
„Со голема тага, семејството на Палма ја изразува својата солидарност во овие моменти на длабока жалост за Жоао. Неговата приказна, посветеност и насмевка засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата на сите кои имаа привилегија да го познаваат. Нека Бог им даде утеха на неговите најблиски, пријателите и соиграчите“, соопштија од клубот.
Сантос беше дел од младинскиот состав на Крузеиро во периодот од 2019 до 2021 година, при што постигна еден гол на 33 натпревари. Негови соиграчи тогаш беа голманот на Крузеиро Отавио Коста, како и Витор Роке, кој денес настапува за Палмеирас и за репрезентацијата на Бразил.
