Инспекторите во три смени – ќе ги казнуваат прекршителите на ноќната забрана за отпад

Инспекторите на Град Скопје ќе бидат активни и по полноќ за да ги санкционираат сите што ќе ја прекршат новата забрана за фрлање отпад по 22 часот. Градските власти го менуваат распоредот на инспекциската служба, а според информации на Сител, веднаш по утрешното објавување на одлуката, инспекторите ќе добијат нов, поинтензивен тросменски распоред. Во контролите ќе бидат вклучени сите градски инспектори и комунални редари.

Градот има вкупно 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Сите ќе бидат распоредени за поефикасна контрола, а прекршоците ќе се констатираат на лице место. Доколку се открие отпад од поголеми размери или од поинаков вид од вообичаениот домаќински, ќе се спроведува подетална контрола на правните лица, информираат од Град Скопје.

Од утре стапува на сила одлуката со која се забранува фрлање смет од 22 до 06 часот. За физички лица казната изнесува 50 евра, а за правни лица од 1300 до 1800 евра, со можност за повисоки износи во зависност од видот на отпадот.

Новото раководство на комуналното претпријатие наведува дека мерката е воведена пробно и може да претрпи измени. Целта е да се воведе ред, да се спречи полнење на контејнерите наменети за домаќинствата од страна на фирми и угостители и да се подобри ефикасноста на собирањето отпад.

Директорот објаснува дека моментално се оспособени 40 возила за празнење контејнери, но за нормално функционирање се потребни уште најмалку 20. И покрај тоа, претпријатието се соочува со недостаток на оперативци.

Слични правила и временски ограничувања веќе се применуваат во речиси сите европски градови. Во големите метрополи строго е забрането фрлање отпад навечер, а казните достигнуваат и 200 до 300 евра. Во Берлин, Виена и Копенхаген забраната важи од 22 до 06 часот, во Париз отпад може да се изнесе само два часа пред собирањето, а во Лондон сметот се изнесува од 6 до 8 часот наутро и од 18 до 20 часот попладне. Во некои градови, отпадот се фрла исклучиво во утринските часови, непосредно пред да пристигне камионот за собирање.