Возбудувањата на Зимските олимписки игри 2026 во Италија беа засенети од серија сериозни инциденти што повторно ја отворија темата за безбедноста на натпреварувачите во екстремните зимски дисциплини.
Драматична сцена се случи на трката во брзо лизгање на 1.500 метри, кога полската натпреварувачка Камила Селиер падна на мразот, по што дојде до судир меѓу три лизгачки. Во метежот, лизгалка ја удри Селиер под окото, нанесувајќи ѝ длабока расекотина. Само неколку секунди подоцна, таа удри и во заштитната ограда, а мразот остана обоен со крв.
Трката веднаш беше прекината за да ѝ се укаже медицинска помош, по што Селиер беше изнесена на носилка. И покрај болката, таа покажа храброст – крена палец кон публиката, испраќајќи порака дека ќе биде добро.
Американката Kristen Santos-Griswold доби казна за нелегално поминување, потег што доведе до несреќата. Од полскиот олимписки тим соопштија дека расекотината на образот е веќе зашиена, но постои сомнеж за оштетување или скршеница на јаболчицата поради големиот оток.
Инцидентите не застанаа тука. Актуелниот светски шампион во слободно скијање Finley Melville Ives од Нов Зеланд беше изнесен на носилка по тежок пад во квалификациите, откако ја загуби контролата при слетување. Натпреварот беше накратко прекинат додека медицинските екипи интервенираа.
Претходно, медицинска помош ѝ беше укажана и на Канаѓанката Cassie Sharpe, која падна во женските квалификации во истата дисциплина.
Драматично беше и на натпреварувањето во боб-четворосед, каде австрискиот тим – Јакоб Мандлбауер, Дајен Николс-Барди, Себастијан Митерер и Даниел Берчлер – се преврте со брзина од 117 километри на час. Бобот се лизгаше по патеката сè до последната кривина пред целта. Тројца членови веднаш успеаја да излезат, додека Мандлбауер беше изнесен на носилка и итно префрлен во болница.
Серијата несреќи повторно ја наметна дилемата колку ризик носат зимските спортови, каде брзината и екстремните услови често се на работ меѓу спектаклот и опасноста.
