Засега не е поднесено обвинение за какво било кривично дело против две лица со иницијали Д.П.(33) и Д.В.(42), кои пред два дена во општина Врапчиште стоеле со железни шипки во просториите на општината.
„Оние кои внатре во општинскиот објект го нарушиле јавниот ред и мир и истите не ги почитувале наредбите на полициските службеници, казниво по член 14 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а во врска со ова против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од СВР Тетово.
Градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани, недостигот на кривична постапка го нарекува неправеден и бара државата да постапи против делата кои според Шабани биле терористички, бидејќи напаѓачите под закана со прачки ги држеле општинските службеници во затворени.
„Сакам преку медиумите да апелирам до полицијата и до обвинителството уште еднаш да го квалификуваат случајот и доколку се покајат пред органите на правдата ние сме да простиме , а не да казнуваме“, вели Шабани.
Со соопштение излегоа и од Тетовско-гостиварската епархија од каде тврдат дека се сретнале со градоначалникот на општината и чекаат законска разрешница за црквата во Топлица.
-Поттикнувањето на искрен дијалог за сите отворени прашања може да спречи и надмине какви било проблеми. Апелираме на трпение, разумност и посветеност на мир и меѓусебното почитување, со цел да се изгради општество во склад со вистинските вредности. Тетовско-гостиварската епархија силно го поддржува владеењето на правото и во таа насока останува отворена за изнаоѓање решенија за секој проблем на легални начини“, изјавија од тетовско-гостиварската епархија.
Општинскиот инспекторат на 9 септември ја прекина работата кај црквата во Топлица, каде гостиварци отишле да го прошират дворот. Ден подоцна, во знак на протест, овие граѓани влегоа во општина Врапчиште и околу три часа ги блокираа градоначалникот и администрацијата, кои не можеа да ги напуштат канцелариите. Тогаш двајца од демонстрантите беа уапсени од полицијата, но неколку часа подоцна беа ослободени.

