Екипата на Пелистер вчера го заврши својот настап во четвртфиналето од Купот на Македонија по поразот од Куманово. Натпреварот, кој помина во тензична атмосфера со чести прекини, доби своја негативна завршница и надвор од теренот.
По првичните инциденти при влезот во спортската сала во Куманово, навивачката група „Чкембари“ предизвикала нов инцидент за време на нивното враќање кон Битола.
Според информациите, немирите се случиле во угостителски објект на автопатот Скопје – Велес.
Инцидентот започнал кога навивачите кај девојче присутно во локалот забележале навивачки обележја на Вардар.
При обидот насилно да ги одземат обележјата, навивачите ги нападнале и останатите гости кои се обиделе да интервенираат. Неколку лица се здобиле со телесни повреди.
Покрај демолирањето на инвентарот во самиот локал, оштетено било и возилото на девојчето.
Пред да си заминат, навивачите испишале графити и пораки на сообраќајните ознаки во непосредна близина на местото.
