Иран почна да наплаќа премин на бродовите низ Ормутскиот теснец, една од клучните светски поморски рути за транспорт на нафта и гас.
Дел од комерцијалните пловни објекти сè почесто минуваат низ иранските територијални води по т.н. „техерански коридор за наплата“, каде што иранските сили вршат проверки на бродовите и во одредени случаи наплаќаат премин, покажува анализата на поморските податоци пренесена од „Лојдс лист“.
Надомест за безбеден премин
„Најмалку два брода му платиле на Иран за безбеден премин, а една такса изнесувала околу два милиона долари“, се наведува во анализата. Станува збор за рута меѓу иранските острови Кешм и Ларак, преку која бродовите влегуваат во ирански води за да ги избегнат безбедносните ризици во остатокот од теснецот.
Според достапните податоци, досега преку овој коридор поминале повеќе од 20 поголеми пловни објекти. Сообраќајот низ Ормутскиот теснец и понатаму е намален поради конфликтот во регионот, но во последните денови е забележано благо закрепнување. Во краток период низ теснецот поминале најмалку 16 бродови.
