Иран испали десетици балистички ракети кон Израел како одговор на заедничката воена операција на Тел Авив и Вашингтон, објави Си-Ен-Ен.
Нападот ги активираше сирените за воздушен напад во северен Израел.
Израелската војска (ИДФ) потврди дека ракетите биле испукани од Иран и соопшти дека системите за воздушна одбрана работат на нивно пресретнување. Во соопштението се објаснува: „Одбранбените системи работат на пресретнување на заканата. Во последните неколку минути, Командата на домашниот фронт испрати превентивна директива директно до мобилните телефони во релевантните области“.
„Сирени се огласија во неколку области на земјата по идентификувањето на ракети испукани од Иран кон Израел. Израелските воздухопловни сили (IAF) моментално работат на пресретнување и напаѓање на заканите каде што е потребно за да ги елиминираат“, додаде Израелската одбрана.
Иранската државна новинска агенција на англиски јазик „Прес ТВ“ објави дека од Иран биле испукани помеѓу 30 и 75 ракети.
Се верува дека Иранците во моментов се речиси целосно без пристап до интернет поради нападот на САД и Израел, што потсетува на целосното затемнување на информациите за време на неодамнешните масовни протести против режимот на ајатоласите.
