Фондот за здравствено осигурување заклучно со 28 јули исплатил вкупно 560,9 милиони денари за надоместоци за боледување, при што најголемиот дел од средствата – 420,3 милиони денари – биле наменети за породилни отсуства. Од Фондот велат дека станува збор за највисока месечна исплата досега по овој основ.
Според соопштението, за останатите видови боледувања се исплатени 140,6 милиони денари, а исплатите биле реализирани во неколку наврати во текот на месецот.
Од Фондот нагласуваат дека нема застој во исплатата на породилните надоместоци. Посочуваат дека единствен услов за започнување на исплатата е во првиот месец да бидат уплатени придонесите согласно законските прописи, по што надоместокот за секој нареден месец се исплаќа веднаш по неговото завршување, по спроведената административна обработка, стручна контрола и одобрување.
За останатите видови боледувања, покрај обработката и одобрувањето на предметите, законски предуслов за исплата е и уплатата на придонесите за месецот за кој се исплаќа надоместокот. Поради ова, во одделни случаи може да дојде до пролонгирање на исплатата.
Од Фондот истакнуваат дека ќе продолжат со навремена обработка на предметите и континуирана исплата на надоместоците, со цел осигурениците без доцнење да ги остварат своите законски права.