Истанбул станува остров? Мегапроектот „тежи“ 20 милијарди фунти

Дали знаевте дека Истанбул може да стане остров? Поточно, дел од градот што лежи на два континента.

Големиот и антички град Истанбул, порано познат како Цариград, Нов Рим или Византија, се протега низ делови од Европа и Азија.

Истанбул наскоро би можел да стане остров, според плановите на владата. Но, како?

Најголемиот град во Турција се наоѓа на западниот брег на Босфорскиот теснец. Тоа е единствениот начин бродовите да влезат и излезат од Црното Море.

Најпрометниот морски премин

Тој е исто така еден од најпрометните морски премини во светот, дури и попрометен од Панамскиот и Суецкиот канал заедно.

Но, за разлика од тие канали, Турција не може да наплаќа патарини за бродовите што минуваат низ Босфорот. Зошто?

Тоа е затоа што уште во 1936 година, Турција ја потпиша Конвенцијата од Монтеро, која го ограничува влезот на воени бродови во Црното Море и им дозволува на комерцијалните бродови слободно да минуваат низ овој премин.

Храбар потег

За да го заобиколи овој договор, Турција планира смел потег – изградба на канал на 45 километри западно од градот.

Според „Експрес“, проектот за каналот би можел да чини огромни 20 милијарди фунти.

Овој канал не само што би ѝ овозможил на Турција да наплаќа од бродовите, туку би го намалил и долгото време на чекање за бродовите што патуваат помеѓу Црното Море и Мраморното Море.

Доколку проектот биде завршен, дел од европскиот Истанбул ќе стане остров.