„Година и пол, јас како Претседател на Република Македонија и мојот Кабинет сме постојана мета на лажни вести и лажни конструкции, со цел по секоја цена да не вмешаат во настаните од 27 април. Од 21 април 2017 година, без никакви докази и индиции се обвинува Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада. По кој знае кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови“, рече Претседателот Иванов во попладневното обраќање од Вилата Водно.
Иванов додаде дека деновиве неговиот кабинет бил мета дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Потенцираше дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара и ги охрабри сите оние кои го обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник.
