Новата серија на Рајан Марфи, „Сè е фер“, која премиерно се емитуваше на Hulu на 4 ноември 2025 година, веќе предизвика остри критики.
И покрај гламурозната продукција, познатите актерски имиња и големиот буџет, серијата доби катастрофална оценка од 0% на Rotten Tomatoes, што доведе до тоа многумина да ја означат како еден од најголемите телевизиски неуспеси на годината.
Серијата следи адвокатска фирма од Лос Анџелес составена исклучиво од жени, специјализирана за разводи. Во центарот на приказната е Алура Грант, играна од Ким Кардашијан, ладнокрвна и амбициозна адвокатка која балансира луксузен живот со комплицираните разводи на нејзините богати клиенти. Серијата се обидува да комбинира драма, хумор и социјална сатира, но, според критичарите, резултатот е неубедлив.
Покрај Кардашијан, во серијата глумат и Глен Клоуз (Дина Стендиш), Наоми Вотс (Либерти Ронсон), Сара Полсон (Керингтон Лејн), Најс Неш-Бетс (Емералд Грин) и Тејана Тејлор (Милан). Иако се очекуваше дека силната женска екипа ќе донесе длабочина и харизма, многу гледачи беа разочарани.
Критичарите се согласуваат: сценариото е површно, дијалогот неприроден, а тонот на серијата збунувачки. The Wrap истакнува дека серијата „изгледа скапо, но звучи глупаво2, додека Collider пишува дека е „повеќе моден едиторијал отколку драматична приказна“. Ким Кардашијан е особено критикувана за нејзината глума, која многумина ја опишуваат како „вкочанета и без емоции“.
Реакциите на социјалните мрежи не се помалку благи. На Reddit се појавуваат коментари како:
„Бев возбудена што ја видов серијата, но глумата и дијалогот се ужасни. Сè е премногу впечатливо и плитко“, „Глумата на Ким ја прави серијата да изгледа како бескрајно здодевна сапуница“, „Ова е шокантно лошо“.
Сепак, имаше и такви кои ја нарекоа серијата „толку лоша што е всушност смешна“, опишувајќи ја како „пародија на богатите и несреќните“.