Изложба на традиционални кошули и облека во Битола

Во предвечерјето на одржувањето на 48-то издание на фестивалот „Илинденски денови“, синоќа во Битола беше отворена изложба на кошули и горни традиционални облеки од збирката на Музејот за народни носии на колекционерот Јоне Ефтимовски. Изложените носии, околу 500 на број, се кошули и други горни традиционални облеки собирани од различни краишта на Македонија, почнувајќи од Скопска Црна Гора, па се до охридските полски села.

„Ова ми е трета изложба во Битола. Ако даде Господ, ќе направам уште, затоа што љубовта од дете ми е во носиите. Овој пат одлучив да ги претставам кошулите од различни краеви, но најмногу од Пелагонија, а значајно е тоа што тие имаат посебни карактеристики на везот, различен од останатите. Претставени се кошули од разлиќни периоди, а најголемиот дел се од 19 век. Околу самото чување на кошулите, јас немам посебни услови тоа да го правам дома, па верувале или не, ги чувам во фрижидер за длабоко замрзнување“, истакна сопственикот на овие ретки збирки на носии, чиј музеј е сместен во селото Подмочани на Преспанското Езеро.

Изложбата на кошули и горни традиционални облеки од збирката на колекционерот Јоне Ефтимовски ја отвори Маја Андоновска Илиевски, директор на НУ Центар за култура Битола.

„Кога се зборува за фолклор, првата асоцијација е зборот традиција и обратно, кога ќе се спомене зборот традиција, првата асоцијација е фолклорот. Традицијата е нешто што го пренесуваме, нешто што создава и пренесува идентитет. Така, посебно задоволство е да се има еден белег од традицијата и културата од нашето македонско поднебје, преточена во народна носија и претставена на оваа изложба“, истакна директорката Маја Андоновска Илиевски.

Иложбата, која се одржува во организација на НУ Центар за култура Битола, ќе биде отворена во текот на фестивалските денови, а љубителите на народните носии ќе можат да ја погледнат во културниот објект Магаза.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното