Израел вчера изјави дека е посветен на примирјето – денеска го бомбардираше истокот од Газа

Израелски авиони и тенкови гаѓале подрачја на истокот од Појасот Газа, соопштиле палестински жители и очевидци, еден ден по изјавата на Израел дека останува посветен на примирјето.

Очевидци изјавиле дека израелски авиони извршиле десет воздушни напади во областите источно од Хан Јунис, на југот од Појасот Газа, додека тенкови гранатирале подрачја источно од градот Газа, на северот од енклавата. Засега нема извештаи за повредени или загинати.

Израелската војска соопшти дека извела „прецизни“ напади врз „терористичка инфраструктура што им се заканувала на војниците“ во тие подрачја, кои сè уште се под израелска контрола.

Кршливото примирје на тест

Нападите претставуваат нов тест за кршливото примирје што стапи на сила на 10 октомври.

Израел во вторникот и средата возвратил со бомбардирања по загинувањето на израелски војник. Според палестинските здравствени власти, во нападите загинале 104 лица.

Очевидци во Газа изјавиле дека во четврток не виделе напади надвор од подрачјата што се под контрола на Израел.

Израел соопшти дека војникот загинал во напад на вооружени напаѓачи на територија во рамките на таканаречената „жолта линија“, на која израелските војници се повлекле според условите на примирјето. Хамас го негира тоа.

Спротивставени тврдења за целите на нападот

Израелската војска објави список од 26 милитанти кои биле цел на бомбардирањето претходно оваа недела, меѓу кои и еден за кој тврдат дека е командант на Хамас што учествувал во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој го предизвика војната.

Владата на Хамас соопшти дека овој список е дел од „систематска кампања на дезинформации“ со цел да се „прикријат злосторствата против цивилите во Газа“.

Министерството за здравство во Појасот Газа објави дека меѓу 104-те загинати во воздушните напади има 46 деца и 20 жени.