Во делот на економските критериуми, Европската комисија оценува дека Северна Македонија има „добар степен на подготовка“ за функционална пазарна економија, но нотира само „ограничен напредок“.
Како позитивен развој се истакнува забрзувањето на растот на реалниот БДП во 2024 година, поттикнат од приватната потрошувачка и јавните инвестиции.
Сепак, Брисел предупредува на неколку предизвици. Инфлацијата, по значителниот пад, „повторно се зголеми од септември 2024 година“.
Клучен проблем е фискалниот дефицит за 2024 година, кој го „надмина првичниот план како резултат на зголемените плати во јавниот сектор и пензиите, одложувајќи ја фискалната консолидација“. Извештајот, исто така, ги критикува слабостите во управувањето со јавните инвестиции.
Како позитивен чекор во финансискиот сектор, нотирано е дека земјата постигнала „добар напредок“ во слободното движење на капиталот и се приклучила на географскиот опсег на Единствената европска платежна област (СЕПА) во март 2025 година.