Јакимовски: Мицкоски сака да им продаде мачка во вреќа на карпошани!

Претседателот на партијата ГРОМ и кандидат за градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, денеска упати реакција на, како што вели, обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ги доведе во заблуда граѓаните на општината.

„Во последните денови сме сведоци на уште еден обид на ВМРО-ДПМНЕ да им продаде на граѓаните на Карпош мачка во вреќа. Наместо вистински соочувања и дебати со граѓаните, нивниот кандидат добил строга забрана да зборува. Не смее да се појави на трибини, не смее да одговара на прашања, не смее да зборува без дозвола,“ изјави Јакимовски.

Тој порача дека, наместо идеи и визија, неговиот противкандидат снима кратки видеа со проекти кои, како што вели, тој одамна ги реализирал.

„Ова не е фер кон граѓаните на Карпош, кои заслужуваат чесна, отворена и аргументирана кампања. Карпош не е публика за туѓи сценарија и празни ветувања. Граѓаните сакаат луѓе што знаат што направиле, кога направиле и за кого работат,“ нагласи Јакимовски.

Тој додаде дека не ветува, туку покажува дела:

„Сè што сум кажал – сум реализирал. Другите нека објаснат зошто кријат, кого претставуваат и зошто се плашат од граѓаните.“

Во завршницата на соопштението, Јакимовски порача дека Карпош не заслужува „експерименти и неуспешни приправници во политика“, туку луѓе со резултати, искуство и почит кон граѓаните.

„Да го одбраниме Карпош. Да го зачуваме достоинството,“ порача Јакимовски.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.