Македонија

Јакимовски: Нема пазар за моите судски случаи – не прифатив спас ни кога се менуваше името!

Јакимовски: Нема пазар за моите судски случаи – не прифатив спас ни кога се менуваше името!

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, решително ги отфрли шпекулациите дека неговите судски предмети се дел од некаков политички пазар со актуелната власт. Тој нагласи дека борбата за неговата невиност е прашање на личен и семеен чест, а не на политичка трговија.

Јакимовски откри дека доколку сакал да се „пазари“ за својата слобода, тоа можел да го стори многу порано, во моментите кога се носеле клучните државни одлуки.

„Ако сакав да се пазарам, ќе го направев тоа кога ме прогонуваа најмногу. Имав понуди кога се менуваше името на државата – еден од условите беше да дозволам Панчо Минов да гласа за уставните измени, а за возврат сите мои правни проблеми да бидат решени. Јас тоа категорично го одбив“, откри Јакимовски.

Коментирајќи ја веста дека Апелација ја укинала неговата пресуда и ја вратила на повторно судење, тој истакна дека сè уште нема официјална потврда за тоа, но дека е подготвен да ја докаже својата невиност до крај.

„Поминав 43 рочишта. Замислете што значи секој месец да се појавувате на суд, да плаќате адвокати и да го трпите тоа малтретирање. Да сакав пазар, зарем ќе си го дозволев ова?“

Јакимовски потенцираше дека овој процес за него не е само правна битка, туку долг кон неговите потомци. „Ова е прашање на чест за моето семејство и за моите внуци. Не сакам да им оставам валкана дамка во наследство. Вистината мора да излезе на чистина.“

Екс-градоначалникот останува на ставот дека во предметите за кои се товари нема никакво кривично дело и дека одлуките донесени од него и неговите колеги во општината биле законски оправдани.

„На мои 66 години, најодговорно тврдам: во тие предмети нема криминал. Сè е чисто како солза. Не ми требаат ‘врски’ во Апелација, ми треба само правдата да победи“, заклучи Јакимовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни