Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, јавно ги оспори резултатите од последните локални избори, тврдејќи дека победата на неговиот противник е плод на невидени нерегуларности и системска манипулација.
Јакимовски открива скандалозни податоци од анализите на неговата партија, според кои изборниот процес бил ставен под контрола на неколку семејства блиски до неговите политички опоненти.
„Дали е возможно во 21 век, во една населба, во три избирачки одбори да имате шест члена од исто семејство? Имаме случаи каде татко и ќерка или сопружници заедно одлучувале за гласовите. Затоа фаќавме обиди за ‘бугарски возови’ и затоа на одредени места мистериозно фалеа ливчиња. Ова не е демократија, ова е чист фалсификат“, обвини Јакимовски.
Тој направи паралела со неговиот пораз во 2017 година, кога достоинствено му ја честиташе победата на Стефан Богоев. Сепак, за актуелната ситуација вели дека одбил дури и да се ракува при примопредавањето на функцијата.
„Секоја моја победа била чиста како солза – без ниту еден уценет или купен глас. Овојпат ниту честитав, ниту сакав да се ракувам. Карпош не заслужува градоначалник кој дошол на власт на нечесен начин“, дециден е тој.
Како причина за неговиот остар став, Јакимовски го наведе интелектуалниот профил на граѓаните на Карпош, нагласувајќи дека во оваа општина живеат највлијателните луѓе во државата.
„Во Карпош живеат тројца премиери, двајца гувернери, претседатели на Собрание, министри и еминентни писатели како Венко Андоновски. Тоа е средина која не дозволува неодговорен однос кон функцијата.“, вели тој.
Јакимовски истакна дека токму поради почитта кон овие граѓани, тој никогаш не застанал со работа, дури и во години кога буџетот бил во криза.
„Ние ја имаме целата анализа за тоа колку сопружници биле членови на избирачките одбори и тоа наскоро ќе го објавиме во јавноста. Граѓаните мора да знаат како е украдена нивната волја“, заклучи Јакимовски.