Kандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во неколку општини ја забележаа својата победа уште во првиот круг.
Во Кавадарци, старо-новиот градоначалник Митко Јанчев на својот Фејсбук профил изјави дека победата е резултат на работа, чесност и резултати, и ја посвети на граѓаните кои веруваат во подобро утре. „Соодноста е неверојатна – 7:1 за работа, чесност и резултати. Оваа победа не е само моја, туку на народот, на сите кои веруваат во фер и посветена работа и силна Македонија. Ви благодарам од срце за довербата и љубовта“, напиша Јанчев. Тој додаде дека продолжува со уште поголема посветеност и одговорност, со цел Кавадарци да стане пример за развој и успех.
Во Општина Карбинци, по вторпат за градоначалник е избран Виктор Паунов од ВМРО-ДПМНЕ. Според првичните резултати, за него гласале 1.376 граѓани, додека кандидатката на СДСМ, Љубица Соколовска, освоила 527 гласови. Членовите на партијата веќе ја прославуваат победата.
Во Свети Николе, на функцијата градоначалник повторно ќе остане Дејан Владев од ВМРО-ДПМНЕ. На својот Фејсбук профил тој објави дека станува збор за убедлива победа во првиот круг и мнозинство во Советот на општината.
Овие резултати ја потврдуваат доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ во општините Кавадарци, Карбинци и Свети Николе, со што партијата ја задржува довербата на граѓаните и за наредниот четиригодишен мандат.