Македонија

Јаневска: Децата најчесто ги носат моделите на однесување од дома

Јаневска: Децата најчесто ги носат моделите на однесување од дома

Образовниот систем ќе добие нов механизам за рано препознавање и спречување на семејното и врсничкото насилство преку нов проект кој ги обединува институциите, училиштата и стручната јавност.

Проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ има за цел да воспостави траен систем за заштита на децата, преку навремено откривање на ризиците и соодветно постапување во случаи на насилство.

На промоцијата на проектот во Владата, министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека иницијативата е насочена кон еден од клучните фактори поврзани со врсничкото насилство – семејното насилство.

„Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при случаи на семејно насилство врз деца или нивно занемарување“, рече Јаневска.

Таа информираше дека во следниот период ќе започнат обуки за училишни психолози, педагози и социјални работници во основното образование, со цел да се зајакнат нивните способности за препознавање на деца кои се изложени на насилство и навремено преземање мерки.

Во рамки на проектот ќе се организираат и разговори и активности со наставници, родители и ученици, со цел подигнување на свеста и подобрување на соработката меѓу семејствата, училиштата и институциите. Врз основа на искуствата од овие активности ќе биде подготвен и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство.

Поддршка за проектот дадоа и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Лимани оцени дека врсничкото насилство често е поврзано со пошироки општествени и семејни фактори, како нарушени односи во семејството, изложеност на насилство, недостаток на поддршка и влијанието на дигиталната средина.

„Нашата цел се училишта без страв, семејства во кои се негува почит и разбирање и општество во кое насилството нема место“, порача Лимани.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека податоците покажуваат зголемување и на семејното и на врсничкото насилство, додавајќи дека изложеноста на насилство во домот е еден од значајните ризик-фактори за појава на агресивно однесување кај децата.

„Не можеме секогаш директно да ги поврземе овие случаи, но изложеноста на насилство во домот е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија. Затоа полицијата е вклучена во проектот уште од самиот почеток“, рече Тошковски.

Од Комората на психолози посочија дека агресивното однесување кај децата често е резултат на претходно доживеани трауми и насилство, поради што е неопходно да се работи на причините, а не само на последиците.

Целта на проектот е да се создаде систем во кој секое дете ќе биде навремено препознаено, заштитено и поддржано, со што ќе се спречи продолжувањето на циклусот на насилство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни