Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека од следната недела започнува серија посети на универзитетите за директна дебата околу новиот Закон за високо образование. Присуствувајќи на традиционалното одбележување на празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна, министерката потенцираше дека реформите се неопходни бидејќи државата веќе нема простор за потпросечни резултати во науката.
Дијалогот со академската заедница продолжува
Иако предлогот е достапен на системот ЕНЕР, Јаневска истакна дека Министерството очекува официјални и интегрирани забелешки од самите универзитети.
„Сè што е разумно ќе биде прифатено, а за спорните точки ќе се дискутира на заеднички средби со сите заинтересирани професори. Гледам дека за најголем дел од законот нема забелешки, спорни остануваат само неколку членови за кои допрва ќе бараме заеднички јазик“, изјави Јаневска.
Крај за импровизациите во образованието
Министерката испрати силна порака дека образовниот систем мора да се извлече од моменталната стагнација. Според неа, Владата е подготвена и законски и финансиски да го поддржи напредокот, но за возврат очекува квалитет кој ќе ја придвижи државата напред.
„Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образованието и науката. Просечните и потпросечните резултати нè доведоа во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред“, децидна е министерката.
Поддршка за земјоделските науки
Честитајќи им го празникот на лозарите и земјоделците, Јаневска ја истакна важноста на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), нагласувајќи дека ваквите институции се клучни за развојот на земјата и дека нивните проекти ќе ја уживаат целосната поддршка од Владата.
