Министерката за образование Весна Јаневска, истакна дека очекува во ноември да се најдат на гласање пред пратениците во Собранието петте закони кои веќе се ставени на јавна расправа. Станува збор за законите за основното образование, за средното, за средното стручно образование, законот за образование на возрасни и законото з национална рамка за квалификации.
„Овие закони се како работни верзии истакнати на веб-страницата на министерството. Тие веќе се готови и се ставени на јавна расправа. Тоа значи дека секој што има забелешка може да ја даде, а потоа ние да ја разгледаме. Доколку сметаме дека е прифатливо се разбира дека ќе биде вклопено во законот. Пристапни се до сите чинители што го сочинуваат образовниот систем, како наставници, родители, повозрасни ученици и администрацијата. Се надевам дека и нашите странски партнери ќе ги погледнат законите и ќе дадат свои сугестии“, изјави Јаневска.
Откако ќе заврши јавната расправа, според министерката за образование, законите треба да ги погледне собраниската комисија за образование и наука, потоа треба да поминат на Влада, па на крај одат во парламентот на гласање.
Според неа, законот за основно е прилагодување на законите за средно и средно стручно образование. Закон за средно стручно образование, како што вели Јаневска досега немавме, а е неопхорен да се заокружат процесите на учење преку работа и учење во дуални паралелки.

