Плоштадот „Скендербег“ во Тирана попладнево одекнуваше од повици за правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, кои се наоѓаат во притвор во Хаг.
Под мотото „Јас сум ОВК“, стотици граѓани собрани од сите страни – од Албанија, Косово, Македонија и пошироко – едногласно извикуваа „слобода за ослободителите“!
На протестот учествуваа и многу здруженија, ветерани и познати политички личности од албанските простори, кои го оценија своето присуство како морална и национална обврска за да го подигнат гласот во одбрана на оние што ја водеа борбата за слобода.
На протестот се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој претходно имаше средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
„Специјалниот суд произлезе од српската и руската кујна. ОВК ги почитуваше конвенциите за војна и не прекрши никаков закон за војна, а тоа го докажаа американските и британските сведоштва во Хаг. Нивната слобода мора да дојде без одложување“, рече Ахмети.