Државните институции и јавните претпријатија сè повеќе се соочуваат со долгови. Според последната анализа на Институтот Finance Think, заклучно со јуни годинава јавниот сектор должи над 690 милиони евра, што претставува 4,2% од Бруто-домашниот производ.
Од Институтот предупредуваат дека, доколку трендот продолжи, до 2030 година јавниот долг може да достигне 62,7% од БДП, а во најлошо сценарио и 66%, што е над границата од 60% предвидена со фискалното правило.
Најголем дел од обврските се натрупани кај државните јавни претпријатија – со учество од 53% во вкупниот долг, а веднаш потоа следат локалните јавни претпријатија, здравствените установи и самите општини. Најчесто се должи за стоки и услуги (53%) и за отплата на главнина (21%).
Пет најголеми должници заклучно со јуни 2025:
- Номагас АД Скопје – 95,4 милиони евра
- АД МЖ Транспорт – 75,5 милиони евра
- ЈП МЖ Инфраструктура – 69,5 милиони евра
- ЕЛЕМ – 57 милиони евра
- Јавни здравствени установи – 39 милиони евра
Особено алармантни се долговите на енергетските компании и железничките претпријатија, кои заедно должат над 200 милиони евра. Само „Номагас“ има долг од речиси 100 милиони евра.
Министерството за финансии евидентирало вкупно 1.257 институции со долгови, меѓу кои министерства, јавни и државни претпријатија, клинички центри и комунални претпријатија. Од нив, дури 126 милиони евра се неплатени сметки за струја, вода, парно и други режиски трошоци, а на делови од јавниот сектор им се должат и плати и надоместоци.
Општини со најголеми долгови:
- Гостивар – 11,3 милиони евра
- Тетово – 9,5 милиони евра
- Град Скопје – 5,6 милиони евра
- Кавадарци – 3,7 милиони евра
- Делчево – 3,1 милион евра
Ако се гледа според долг по жител, најоптоварени се Делчево, Гостивар, Василево, Желино и Кривогаштани, со обврски од 8.800 до 14.000 денари по човек.
Од Finance Think нагласуваат дека состојбата ја отвора потребата од сериозни структурни реформи и подобро управување со јавните претпријатија. Меѓу препораките се задолжителното вклучување на доспеаните обврски во јавниот долг и буџетскиот дефицит, во согласност со Европскиот систем на сметки (ESA 2010).