Јорданов бара поголема свесност на граѓаните по вандализмот во центарот на Штип

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, остро реагира по серијата вандалски инциденти во централното градско подрачје, каде во изминатите денови биле уништени новогодишни светилки, оштетени садници и урбана опрема. Јорданов оцени дека ваквото однесување претставува директен удар врз заедничкото добро и врз вложувањата на Општината.

Тој упати апел до СВР Штип да преземе соодветни мерки и санкции против сторителите, нагласувајќи дека нарушувањето на јавниот ред и оштетувањето на имотот ја загрозуваат безбедноста и ја деградираат урбаната средина.

Градоначалникот побара и поголема свесност од граѓаните, повикувајќи на заедничка грижа за јавниот простор и заштита на инвестициите во градот. Според него, Штип може да биде поубав и поуреден само доколку секој поединец покаже одговорност и реагира кога ќе забележи уништување на јавен имот.

„Нашиот град е наш дом и наша обврска е да го чуваме“, порача Јорданов.