Јовева: Не е фер Македонија да се става во ист кош со Србија и БиХ на европскиот пат

Словенечката европратеничка со македонско потекло вели дека земјава има напредок, иако не колку Црна Гора, и дека оценката на Комисијата е „премногу генерална“.

Брисел, 6 ноември 2025 – „Мислам дека не е фер Северна Македонија да се става во истиот кош со Србија и Босна и Херцеговина, кога станува збор за напредокот на европскиот пат“, изјави за МИА словенечката европратеничка Ирена Јовева.

Таа, коментирајќи ги оценките за напредокот на земјите од регионот, истакна дека Црна Гора и Албанија, а особено Црна Гора, се реално најнапред во однос на реформите.

„Иако не би сакала да испадне дека ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или Комисијата, но мислам дека малку не е фер да испадне дека сме, ако така смеам да кажам, во истиот кош со Србија, па и со Босна и Херцеговина“, вели Јовева, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“ и има македонско потекло.

Јовева нагласува дека таквата генерална оценка е особено нефер „ако знаеме што се случува во Босна и Херцеговина, а посебно во Србија“.

Според неа, иако Северна Македонија можеби не напреднала колку Црна Гора, сепак има постигнат напредок што треба јасно да се истакне, наместо да се даваат премногу општи оценки.

„Не е до толку дека македонската држава не напредувала, има напредок, но оценката е премногу генерална, премногу општа… Заслужува да се каже јасно и гласно дека има напредок“, потенцира Јовева.

Таа додаде дека доколку Извештајот на Европската комисија за земјава за 2025 година се чита конкретно, ќе се види дека има постигнато напредок и тоа треба да се потенцира.

„Мислам дека таквиот наратив не е во ред и не е фер, пред сè од страна на Европската комисија“, рече таа.

Словенечката европратеничка исто така ги отфрли оценките дека Европската Унија всушност не сака да ја прими земјава и дека само ја користи Бугарија како изговор.

„Како некој што има доста добри контакти и увид во сето она што се случува, воопшто не можам да се сложам со таквите проценки. Мислам дека на нив не им е место, посебно не сега. Моментумот е тука. Тоа нема врска со сакање или не сакање, туку со реалноста, а реалноста е дека Северна Македонија има направено напредок“, истакнува Јовева.

Таа додаде дека спорот со Бугарија е билатерален, што, како што рече, е јасно кажано и од страна на Европскиот парламент и од Европската комисија.

„Како што не е фер да се става Северна Македонија во исти кош со Србија во контекст на напредокот, исто така не е фер да се користи општата ситуација во регионот за собирање евтини политички поени. Северна Македонија е држава која заслужува место во Европската Унија и мислам дека кога-тогаш ќе стигне до тоа. Само треба да продолжи со реформите“, заклучи Јовева во изјавата за МИА.