Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес ја започнува својата втора посета на Западен Балкан.
Посетата, која ќе трае до 23 мај, ги вклучува Белград, Приштина и Скопје. За четврток во Косово се најавени средби со претставници на политичките партии и граѓанското општество, како и претставници на ЕУЛЕКС и КФОР.
Во петок во Скопје, Калас ќе разговара со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицковски. Со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, Калас ќе го отвори првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, а со министерот за одбрана Владо Мисаиловски ќе ги посети Балканските медицински сили, чие постојано седиште е во Северна Македонија, а најавена е и средба со претставници на младите и студентите.
Ова е втора посета на Каја Калас на регионот, откако таа ги посети Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина помеѓу 7 и 9 април оваа година.